Орбан го одложи говорот во Европскиот парламент поради невремето во Унгарија

Унгарскиот премиер Виктор Орбан

Унгарскиот премиер Виктор Орбан го одложи говорот планиран за среда во Европскиот парламент поради поплавите во Унгарија, јавуваат агенциите Ројтерс и ДПА.

„Поради екстремните временски услови и поплавите во Унгарија, ги одложив сите мои меѓународни обврски“, изјави Орбан.

За време на викендот обилни дождови и поплави ја зафатија централна и источна Европа, а во невремето загинаа најмалку 10 луѓе, додека илјадници беа принудени да ги евакуираат своите домови.

Полскиот премиер Доналд Туск вчера објави дека се подготвува да прогласи состојба на природна катастрофа.

Унгарскиот премиер во среда во Европскиот парламент во Стразбур требаше да ја претстави програмата на унгарското претседавање со Советот на ЕУ.

Видете и ова: Унгарското претседавање со ЕУ во фокус на Европскиот парламент

„Претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, разговараше со премиерот Орбан за да му пренесе дека Европскиот парламент е подготвен да направи се што може за да им помогне на сите погодени од поплавите“, соопшти Европскиот парламент, додавајќи дека пратеничката група за оваа недела ќе се одржат консултации за работната програма.

Во меѓувреме, бројот на загинати во поплавите во централна Европа се искачи на осум, откако илјадници луѓе беа евакуирани од своите домови во Полска, Чешка, Австрија и Романија.

Циклонот „Борис“, донесе обилни дождови од Австрија до Романија, што доведе до најголемите поплави во речиси три децении во тешко погодените области на Чешка и Полска.

Илјадници куќи беа оштетени за време на викендот, мостови беа однесени, а најмалку 250 000 домаќинства, главно во Чешка, останаа без струја.