„Исламска држава-Корасан“ ја презеде одговорноста за нападот врз Хазарите во Авганистан

илустрација

Регионалниот огранок на таканаречената милитантна организација Исламската Држава (ИД) ја презеде одговорноста за смртоносниот напад врз шиитски аџии во централен Авганистан.

На 12 септември, групата Исламска Држава Корасан (ИД-К) објави фотографии на кои се прикажани масакрирани аџии, за кои се верува дека припаѓаат на народот Хазара, шиитско малцинство во Авганистан, прогонувани од членовите на сунитската ИС-К.

Хади Рахими Зада, поранешен член на советот во провинцијата Дејкунди, каде што се случија убиствата, за Радио Азади /Радио Слободна Европа изјави дека во нападот, кој го извршиле непознати напаѓачи, загинале 14 лица.

Некои други локални извори за Радио Азади изјавија дека убиствата ги извршиле вооружени лица на мотоцикли.

Жител на провинцијата Дејкунди, кој сакаше да остане анонимен, рече дека групата напаѓачи се собрала да ги пречека аџиите кои се враќале од Карбала, шиитско свето место во Ирак.

„Нивните роднини се враќаа во Фирузкох од Кербала. Овие луѓе сакаа да се сретнат со нив. Четири лица ги нападнаа, а 14 лица беа убиени. Сите аџии беа млади луѓе, а петмина од нив беа ранети“, рекол изворот.

Видете и ова:

Напад во Авганистан - неколку убиени, меѓу нив и странски државјани

Портпаролот на талибанското Министерство за внатрешни работи Абдул Матин Кани потврди дека нападот се случил во провинцијата Дејкунди, велејќи дека подоцна ќе објави повеќе детали.

„Исламската држава-Корасан“ изврши бројни напади откако Талибанците ја презедоа власта во август 2021 година.

Цели на нивните напади често се талибански службеници, странски државјани и Хазари.

ИС-К е основана во Авганистан во 2014 година како регионален огранок на „Исламска Држава“ чија мисија е да се шири низ Јужна и Централна Азија.

Корасан е името на поранешниот регион кој се состоел од делови од денешен Авганистан, Иран и Централна Азија.