До крајот на неделата ќе се комплетираат образовните асистенти во основните училишта

Весна Јаневска, министерка за образование

Проблемот со образовните асистенти за деца со попреченост во основните училишта ќе биде надминат до крајот на неделава, изјави денеска (10 септември) министерката за образование, Весна Јаневска. Таа додаде дека договорите со образовните асистенти веќе се потпишуваат, неколкумина од денес се веќе на работа, а до крајот на неделата очекува да бидат потпишани сите договори. Освен асистенти во основните училишта, Јаневска најрано во јануари очекува да бидат воведени образовни асистенти и во средните училишта.

„И денес ќе се потпишуваат договорите, значи во следните денови асистентите постепено навлегуваат во училиштата. Ова што се случуваше годинава е одраз на чекањето на ребалансот и на релативното работење на училиштата на разни начини. Ресурсниот центар ‘Златен Сремец’, кој ја покрива оваа територија, успешно го привршува процесот, па денес во оваа училиште, а верувам и во сите други ќе има образовни асистенти“, рече министерката Јаневска при посетата на училиштето „Ѓоргија Пулевски“ во Аеродром.

Видете и ова:

Средношколците со попреченост повторно без образовни асистенти

Министерката Јаневска најави системско решавање на проблемот со асистентите за да не се повтори учебната година да почне без нив. Со измени во законите за основно, средно и за средно стручно образование вели дека ќе обврзат целата постапка да биде готова во јуни за да може, како што рече, на мир да почне учебната година. Со измените ќе овозможат и еден асистент да може да го следи ученикот во целиот образовен процес како потреба на која укажале самите асистенти.

Освен овие законски измени, Јаневска најави измени на вкупно шест образовни закони, со кои, меѓу другото, ќе се овозможат образовни асистенти и во средните училишта, кои сега ги нема.

Таа додаде дека законот, кој предвидува образовни асистенти и во средните училишта, многу бргу да биде ставен на јавна расправа.

Според предвидената процедура, најпрво треба да заврши јавната расправа, да помине на Влада, а потоа да се поднесе во Собранието. Министерката очекува асистенти во средните училишта во јануари 2025 година.