Пожар на истокот на БиХ, изгореа три куќи во селото Лука кај Сребреница

Пожар во Националниот парк Дрина, област Сребреница, БиХ, 9 септември 2024 година.

Три куќи изгореа во селото Лука кај Сребреница, во пожар што веќе осум дена беснее во источна Босна и Херцеговина.

Пожарот со денови гори во националниот парк Дрина, а на 9 септември се прошири кон самото село и зафати три куќи кои биле најблиску до боровата шума.

„Со огнената стихија се бориме веќе осми ден, а последните три дена беа најкритични за нашето село. Се обидовме на секој начин да спречиме пожарот да се спушти во селото, но за жал денеска, [понеделник] околу 10 и пол пожарот зафати три куќи кои беа целосно изгорени“, изјави за Радио Слободна Европа Хамо Зулановиќ, поранешен претседател на Месната заедница Лука.

Тој посочи дека бараат „итна интервенција на институциите и раководството на општината за да се реагира, за да не се прошири пожарот на целото село“.

Видете и ова: Пожари на повеќе локации, седум се активни, три под контрола

Тој додаде дека мештаните заедно со пожарникарите и припадниците на цивилната одбрана исекле голем број дрвја и направиле „брана“ за да ги спречат пламените јазици да стигнат до селото.

Но, ни тоа не функционирало бидејќи огнената стихија, носена од ветерот, брзо се проширила.

Зулановиќ додава дека претходните денови со хеликоптери бил гаснат и пожарот во Националниот парк Дрина и околу селото Лука, но денеска бил известен дека, поради лошото време, хеликоптерите нема да оперираат.

„Правиме се за да го изгаснеме пожарот, но поради непристапноста на теренот нашите можности се мали. Водата се доставува со цистерни и потоа пожарникарите и припадниците на цивилната заштита, како и мештаните ги полнат ранците со вода и да направат се што можат. За среќа немаме повредени работници или мештани, но изгореа три куќи“, изјави за РСЕ Мујо Хасановиќ, командант на Територијалната противпожарна единица во Сребреница.

Поради пожарот кој уништи голем шуми, општина Сребреница прогласи вонредна состојба.

Пожарот во моментов се заканува да зафати и други објекти и имоти во самото село.

Во последните недели пожари зафатија неколку области во Босна и Херцеговина, како што се Националниот парк Сутјеска, околината на Билеќе, Маглај и Какањ.