Советот за безбедност на ОН ги осуди Талибанците за дискриминација на жените

Авганистан

Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) ја осуди континуираната дискриминација на жените во Авганистан.

Во декларацијата, за која гласаа 12 од 15 члена, се изразува загриженост за воведувањето на нов закон за морал во таа земја.

„Силно ја осудуваме систематската родова дискриминација и угнетување врз жените и девојчињата извршени од талибанците“, рече јапонскиот амбасадор Јамазаки Казујуки.

Тој додаде дека таквите потези ги поткопуваат напорите на меѓународната заедница да се вклучи во дијалог со талибанците, да се постигне мир и да се реинтегрира Авганистан во меѓународната заедница.

Видете и ова: Талибанските закони за жените даваат потресна визија за Авганистан, предупредија ОН

Законот на талибанската влада „Промоција на доблест и спречување на пороците“ ги регулира аспектите на авганистанскиот живот во согласност со шеријатското право.

Тој им забранува на жените да зборуваат надвор од нивните домови и бара од нив да ги покриваат телата и лицата доколку треба да ја напуштат куќата.

За Декларацијата на Советот за безбедност на ОН гласаа Соединетите Американски Држави, Велика Британија, Еквадор, Франција, Гвајана, Јапонија, Малта, Мозамбик, Јужна Кореја, Сиера Леоне, Словенија и Швајцарија.

Русија, Кина и Алжир беа воздржани.