ЦУК: 34 пожари вчера, шест се активни, а еден под контрола

Илустрација

Вкупно 34 пожари на отворен простор имало вчера (5 септември). Шест се активни, еден е ставен под контрола, а останатите се изгаснати, соопштија утрово од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

За пожарот на прилепската територија, од ЦУК појаснуваат дека се активни краците кон селата Крушевица, Чумово и Селце и накај место викано „Чуле“ на Селечка Планина.

Активен е и пожарот во подрачјето на општина Чашка, во регионот на селото Ораов Дол.

Видете и ова: Ангелов: Нови ер-трактори се поевтини од штетата од пожарите

Во штипскиот регион, кај селата Хаџи Хамзали, Едеклерци и Топлик, како и во подрачјето на полигонот „Криволак“, опожарени се нискостеблеста шума, смреки и сува трева.

Мешана шума гори во општина Чучер Сандево, на територија на село Танушевци, место викано „Рамно“. Сува трева и мешана шума горат во село Десово, општина Долнени.

Според информациите од ЦУК, пожарот на градската депонија во општина Крушево е ставен под контрола.