Штом матичните лекари забележат суспектен случај на мали сипаници, тој треба да биде препратен или на Инфективната клиника, па оттаму да го препратат во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) на анализи, или директно да дојде на тестирање во Институтот, апелира директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска, по вториот случај на морбили оваа година.
Таа вели дека се работи за импортиран случај од Србија. Детето престојувало конкретно во Нови Пазар, каде што веќе има појава на позитивни случаи на морбили. На 3 септември од Инфективната клиника детето е препратено до Институтот за јавно здравје. Направени се анализи кај медицинските лица кои работеле со него и тие се следат.
Андоновска повтори дека и во двата случаја годинава, децата не биле вакцинирани со вакцина против мали сипаници.
Во семејството на вториот случај, 12-годишник од село Долно Коњаре, општина Петровец, две од пет деца не биле вакцинирани.
„Според епидемиолошката анкета што е направена, исказите се дека немало многу контакти, ниту пак детето одело на училиште во населбата Петровец, село Долно Коњари. Според епидемиолошката анкета, родителите кажуваат, а и самото дете, дека изминатите денови, откако се вратило од подрачјето каде престојувало во Србија, не одело на училиште ниту тоа, ниту неговото братче, кое исто така не е вакцинирано и негираат повеќе контакти. Велат дека контактите се во кругот на семејството“, рече Андоновска.
Видете и ова: Србија регистрирала 19 случаи на морбили од почетокот на годинаваПрвиот случај на мали сипаници, регистриран во јуни, беше жител на струшко село.
Според податоците на ИЈЗ, лани бил пријавен еден случај на мали сипаници. Од 2014 до 2023 година, регистрирани биле вкупно 2.020 заболени. Епидемии биле регистрирани во 2014, 2017, 2018 и во 2019 година. Последната евидентирана епидемија од ова заболување, регистрирана во 2018 година, а завршена во 2019, била со вкупно 1.901 регистрирано лице, во 24 градови низ државата.
„Нашата обврска и наша работа е по констатирањето на позитивен случај, да дадеме препораки на семејството за изолација. Но, за морбилите нема изолација пропишана со закон и останува на добра волја на семејството дали ќе ги почитува препораките или не“, рече Андоновска во денешната изјава за медиумите.
Вакцинација против мали сипаници се спроведува континирано и задолжително со две дози на МРП-вакцина.
„Имајќи го предвид пријавениот неоптимален опфат со вакцинација (<95%), фактот дека следните месеци претставуваат сезонски врв на вирусот и можноста за импортирање, пријавувањето на нови случаи не е неочекуван настан“, потенцираа вчера од ИЈЗ.
Првата доза се смета за примовакцинација и треба да се даде на првата година од животот на детето. Ревакцината е на шестгодишна возраст. Опфатот со првата доза лани на национално ниво изнесувала 73,4 проценти, а во Скопје - 83,7 отсто. Опфатот се ревакцинација на национално ниво лани била 87,7 проценти, а во Скопје - 85,9 отсто.