Лукашенко помилува уште 30 политички затвореници

Бeлорусија - Протест за слобода за слобода за политичките затвореници во Белорусија на катедралниот плоштад во Вилнус, 20 март 2021 година.

Белорускиот авторитарен лидер Александар Лукашенко потпиша декрет за помилување на 30 лица осудени за учество во протести и други „злосторства поврзани со протести“, објави државната агенција БелТА.

Прес-службата на Лукашенко одлуката за помилување ја нарече „хуман гест“.

Како што пренесе белорускиот сервис на Радио Слободна Европа, ова е трета одлука за помилување на осудените за учество во протестите против владата на Лукашенко донесена неодамна.

Најголемите протести се одржаа во 2020 година.

Имињата на помилуваните, како и во претходните два случаи, не беа официјално објавени.

Видете и ова: Новинарот на РСЕ Андреј Кузниечик, 1000 денови е во белоруски затвор

Властите тврдат дека сите помилувани ја признале својата вина, „искрено се покајале“ и ветиле дека ќе водат „живот кој го почитува законот“. Како по правило, зборуваме за родители на мали деца.

На 3 јули беа ослободени 18 политички затвореници, а познато е дека меѓу нив беше и опозицискиот политичар Рихор Кастусју. Беше пријавено дека е тешко болен.

На 16 август беа ослободени уште 30 лица. Нивните имиња не беа официјално објавени.

По изборите во август 2020 година, Централната изборна комисија на Белорусија го објави реизборот на Александар Лукашенко за претседател, негов шести последователен мандат. Со тоа не се согласи опозицијата, која инсистираше на победа на нејзиниот кандидат Светлана Тихановска. Низ земјата почнаа масовни протести против изборни измами и за поддршка на демократијата. Протестите беа жестоко задушени од безбедносните сили.

Стотици уапсени луѓе, вклучително и лидери на опозицијата, беа осудени на долги затворски казни. Според активистите за човекови права, сега во Белорусија има повеќе од илјада политички затвореници. Лукашенко изјави дека ќе се донесат одлуки за помилување на некои од нив, особено на оние кои се болни.