Турската полиција уапси државјанин на Косово кого го обвинува за финансирање на оперативци на израелската разузнавачка агенција Мосад во Турција, јави турската државна новинска агенција Анадолу.
Косовските власти соопштија дека Турција официјално ги информирала за случајот, иако самите турски власти официјално не ја потврдија оваа информација, ниту пак дадоа изјава за ова прашање.
Анадолија наведува дека уапсениот е идентификуван како Лиридон Реџепи од Косово. Тој влегол во Турција на 25 август, а бил приведен минатиот петок, а формално бил приведен во вторникот, јавува Анадолија.
Според агенцијата, Реџепи на распит признал дека префрлил пари.
Турската разузнавачка агенција се сомнева дека Реџепи овозможил финансиски трансфери од источноевропски земји, главно од Косово, до агенти на Мосад во Турција.
Видете и ова: ЕУ предупредува на последици доколку нема деескалација на КосовоПарите што ги префрлил Реџепи, наводно, биле користени за собирање информации во Сирија, за спроведување психолошки операции против Палестинците и за координирање на операции поврзани со беспилотни летала.
Се тврди дека Реџепи ги префрлил парите во Турција и кога пристигнал во земјата парите им биле дистрибуирани на оперативци на терен, кои пак ги испраќале парите во фондови во Сирија, честопати користејќи криптовалути за овие трансфери.
Косовската министерка за правда, Албулена Хаџиу, на прес-конференција во Приштина на 3 септември рече дека косовските власти добиле прашања од Турција во врска со овој случај.
Таа, сепак, изјави дека поради чувствителноста на прашањата и информациите не може да даде повеќе детали, а Министерството за правда дополнително ќе даде информации за случајот во текот на денот.
Хаџију рече и дека правната соработка меѓу Косово и Турција е добра.
Радио Слободна Европа за случајот стапи во контакт со министерствата за надворешни и внатрешни работи на Косово, но до објавувањето на веста немаше никаков одговор.