Папата Франциск пристигна во Индонезија

Пречек на папата Франциск на аеродромот во близина на Џакарта, Индонезија, 3 септември 2024 година.

Поглаварот на Римокатоличката црква пристигна во Индонезија на 3 септември, на почетокот на неговото најдолго патување откако се искачи на тронот на Свети Петар, надевајќи се дека ќе ја охрабри католичката заедница и ќе ја истакне традицијата на меѓуверска хармонија во земјата со најголема муслиманска популација во светот.

Папата Франциск (87) денеска планира да се одмори во Џакарта по преноќниот лет од Рим и да се подготви за своето 11-дневно патување, кое ќе опфати и посети на Папуа Нова Гвинеја, Источен Тимор и Сингапур.

Денеска, сепак, тој ќе се сретне со група бегалци, мигранти и болни луѓе во резиденцијата на Ватикан во Џакарта.

Главниот дел од неговата посета на Индонезија ќе биде во четврток, кога ќе учествува на меѓуверски собир во џамијата Истиглал во Џакарта со претставници на шесте религии кои се официјално признати во Индонезија - исламот, будизмот, конфучијанизмот, хиндуизмот, римокатолицизмот и протестантизмот.

Таа џамија, најголема во Југоисточна Азија, се наоѓа на плоштадот спроти најголемата римокатоличка катедрала во земјата, а двете згради се толку блиску една до друга што може да се слушне муслиманскиот повик за молитва за време на миса.

Видете и ова: Папата Франциск тргнува на своето најдолго патување во странство

Близината на двете згради не е случајна, туку резултат на напор да се претстави симболот на верската слобода и толеранција, кој е впишан во Уставот на Индонезија.

Зградите се поврзани и со подземен „тунел за пријателство“ кој папата Франциск ќе го посети со големиот имам Насрдин Умар, пред да потпишат заедничка декларација.

Додека папата ќе се обиде да ја истакне традицијата на верска толеранција во Индонезија, имиџот на умерената муслиманска држава е поткопана со избувнувањето на неколку случаи на нетолеранција.

Во 2021 година, милитантна исламска двојка се разнесе пред преполната римокатоличка катедрала на индонезискиот остров Сулавеси за време на предвелигденска миса, при што беа повредени најмалку 20 луѓе.

Иако римокатолиците претставуваат само три проценти од населението во земјата од 275 милиони, тоа значи дека Индонезија е дом на третата по големина христијанска заедница во Азија, по Филипините и Кина.

Франциск е третиот папа што ја посети Индонезија. Папата Павле VI беше првиот што ја посети земјата во 1970 година, а папата Јован Павле Втори во 1989 година.