Палестински милитанти во неделата (1 септември) убиле тројца израелски полицајци во напад врз возило на окупираниот Западен Брег, каде Израел изминативе денови спроведува рација, пренесе агенцијата Асошиетед прес.
Израелската полиција потврди дека убиените лица се припадници на полицијата и наведува дека напаѓачите се во бегство.
Нападите главно се фокусирани на урбаните бегалски кампови во северниот дел на територијата на Западниот Бред, каде по избивањето на војната во Газа израелските сили речиси секојдневно разменуваат оган со милитантите.
Видете и ова:
Четврти ден од израелската воена операција на Западниот БрегМалку позната милитантна група, која себеси се нарекува бригада Калил ал Рахман, ја презеде одговорноста за денешното пукање. Хамас, кој е прогласен за терористичка организација од САД и ЕУ, го пофали нападот како „природен одговор“ на војната во Газа.
На Западниот Брег се забележува зголемување на насилството откако Хамас го нападна Израел на 7 октомври лани, по што Израел започна офанзива односно со копнени и воздушни напади врз Газа.
Повеќе од 650 Палестинци се убиени на Западниот Брег, главно за време на апсењата од израелската војска. Според Израел, повеќето биле милитанти кои се вклучиле во судири со израелските сили. Меѓутоа, меѓу жртвите има и цивили.
Видете и ова:
Тела на шест заложници пронајдени во Рафа во Појасот ГазаИзраел ги зазеде Западниот Брег, Појасот Газа и Источен Ерусалим во војната на Блискиот Исток во 1967 година. Палестинците, пак, ги сакаат сите три територии за нивната идна држава. Последните мировни преговори пропаднаа пред повеќе од 15 години.
Израел изгради над 100 населби ширум Западниот Брег, дом на повеќе од 500.000 доселеници со израелско државјанство. Меѓународната заедница смета дека повеќето населби се нелегални.
Асошиејтед прес известува дека три милиони Палестинци на Западниот Брег живеат под навидум неограничена израелска воена управа, при што Палестинската управа поддржана од Запад има ограничена автономија во областа.