Филипче: ОЈО да отвори постапка за изјавата на Мицкоски за поткуп

Филипче бара Мицкоски да ги објави сите информации за наводното нудење поткуп, 1 септември 2024 г.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, повика Основното јавно обвинителство да започне постапка во врска со изјавата на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека му нуделе поткуп.

Мицкоски на 27 август изјави дека тоа му било понудено во врска со тендерска постапка за пругата кон Бугарија, дел од Коридорот 8.

Видете и ова:

На премиерот му нуделе поткуп за пругата до Бугарија, не го прифатил

Филиче вели дека тврдењата на премиерот се сериозни и зачудува што Мицкоски дава таква изјава, а ниту една друга институција за тоа нема информација – ниту ОЈО ниту Државната комисија за спречување корупција (ДКСК).

„Инсистираме ОЈО да отвори постапка, а премиерот да ги каже сите информации, зашто ако тоа не се случи, тој е на некој начин соучесник во тоа. Го осудувам тој пристап на самокористење на говорницата и ПР пораки за некакви сериозни работи. Овие работи се навистина сериозни. Станува дополнително збор за проект во кој заем дава ЕУ. Значи, и тие институции не мониторираат апропо ова прашање. Така што, треба Обвинителството да отвори постапка и да се расчисти тоа до крај“, изјави Филипче на 1 септември.

Тој рече дека „апсолутно нема информации“ дали и во претходната влада имало некакви сомнежи и пријави за корупција во врска со Коридорот 8.

Видете и ова:

Мицкоски по изјавата за поткуп: Одредени центри на влијание се вознемирени

Информацијата за нудењето поткуп Мицкоски ја сподели на прес-конференција во владиниот прес-центар.

„За Коридорот 8, секцијата 3, пругата, врз мене имаше обид да ми биде понуден поткуп со којшто јас, како претседател на Владата, би потпишал прифаќање на оваа тендерска документација која што истекува на 17 септември. Кажав дека сè додека сум јас претседател на Владата, овој тендер, којшто е тековен и завршува на 17 септември, нема да го прифатам“, рече Мицкоски на 27 август.

Речиси 90 километри пруга од Куманово до границата со Бугарија се гради скоро три децении.

Видете и ова:

Километар пруга до Бугарија може да чини 24 милиони евра

Бугарската влада ја обвинува македонската дека не го почитува потпишаниот Договор во повеќе сегменти, меѓу кои и во делот за пробивањето на роковите за изградба на пругата. Според меморандумот потпишан на 1 август 2017 година од тогашниот министер за транспорт и врски на Северна Македонија, Горан Сугаревски, и неговиот бугарски колега, Иваило Московски, трета фаза од Коридорот 8 според договореното од Крива Паланка до Деве Баир треба да биде готова до 2025 година.

Мицкоски досега најавуваше дека ќе бара од Европската банка за обнова и развој да ги пренасочи европските пари за изградба на железничката компонента од Коридорот 8 за брза пруга на Коридорот 10.