Има потреба од силна одбрана од војната која две и пол години трае во соседна Украина, истакнаа полските лидери за време на централните церемонии денеска (1 септември) по повод одбележувањето на 85 години од инвазијата од нацистичка Германија на почетокот на Втората светска војна.
Исто така, лидерите на Полска ја истакнаа и потреба од воено обесштетување од Германија.
На централната церемонија во градот Вилун, кој беше прва мета на германското бомбардирање на 1 септември 1939 година, присуствуваа полскиот претседател Анджеј Дуда и заменик-амбасадорот на Германија, Роберт Роде. Во нападот од тогашна нацистичка Германија, кој започнал во 4:40 часот наутро, биле убиени околу 1.200 луѓе.
„Можеме да кажеме дека простивме иако се сеќаваме, иако болката трае и иако сè уште има десетици илјади луѓе кои беа директно повредени од Германците“, рече Дуда.
Видете и ова: Министрите за одбрана на ЕУ дебатираат за обука на украински војници во УкраинаТој исто така го повика Берлин да исплати воена отштета.
„Простувањето и признавањето на вината е едно, но компензацијата за предизвиканата штета е друга работа. И ова прашање сè уште не е решено“, рече полскиот претседател.
Во меѓувреме, на споменикот на полуостровот Вестерплате на Балтичкото Море, каде пред 85 години неколку минути по нападот на Вилун, беше гранатиран воен пункт, венци положија премиерот Доналд Туск и министерот за одбрана Владислав Косињак-Камиш.
На Вестерплате, значително помалубројните трупи се бореа седум дена пред да им се предадат на Германците поради што станаа симбол за херојство и патриотизам.
Туск во својот говор рече дека војната е повторно присутна во регионот додека трае руската инвазија на Укарина, која започна во февруари 2022 година.
Тој истакна дека најдобар показател за научените лекции од минатото е „подготвеноста да се организира целиот западен свет, Европа и НАТО за одбрана од агресијата која денес е присутна на боиштата во Украина“.
„Денес нема да кажеме ’Никогаш повеќе‘. Денес мора да кажеме ’Никогаш повеќе сами‘“, рече Туск.
Тој посочи дека Полска создава „најмодерна војска во Европа, една од најсилните на континентот“ со цел активно да придонесе во единството и зајакнувањето на НАТО.
Видете и ова: Политичкиот пејзаж на Германија во опасност од подемот на екстремните десничарските и леви силиЗа време на петгодишната војна и бруталната германска окупација, Полска во Втората светска војна изгуби шест милиони жители односно шестина од своето население. Од тие шест, три милиони беа Евреи.
Претходно, полската десничарска влада бараше отштета од 1,3 милијарди долари од Германија додека актуелната влада на Туск го намали барањето и го сведе на некаков облик на компензација што ќе овозможи зајакнување на врските меѓу двете држави.