Кина и Филипините меѓусебно се обвинуваат за провокации во Јужното Кинеско Море

Јужно Кинеско Море (фотоархива).

Кина и Филипините меѓусебно се обвинија за судирање на бродови во спорното Јужно Кинеско Море во саботата, што е последниот конфликт предизвикан на клучниот воден пат, пренесува Ројтерс.

Кинеската крајбрежна стража соопшти дека филипинскиот брод, „незаконски оставен“ кај гребенот Сабина Шоал, го подигнал сидрото и „намерно се забил“ во кинески брод. Од друга стана, филипинската крајбрежна стража соопшти дека кинескиот брод е тој што „со намера се судрил“ со еден од бродовите на Манила.

Пекинг смета дека има право на целото Јужно Кинеско Море, вклучително и делови што им припаѓаат на Филипините, Брунеи, Малезија, Тајван и Виетнам.

Видете и ова:

Судир на кинески и филипински брод во Јужното Кинеско Море

Се верува дека делови од морето, низ кои поминуваат стоки во вкупна вредност од три трилиони долари годишно, се богати со наоѓалишта на нафта и гас, како и рибни резерви.

Во 2016 година, Постојаниот арбитражен суд утврди дека барањата на Кина немаат правна основа, одлука што Пекинг ја отфрла.

Портпаролот на кинеската крајбрежна стража Лиу Дејун ги повика Филипините веднаш да се повлечат од областа на гребенот.

„Кинеската крајбрежна стража ќе ги преземе неопходните мерки за да ги спречи сите обиди за провокација, вознемирување и престап и решително ќе го заштити територијалниот суверенитет и поморските права и интереси на земјата“, рече Лиу.

Видете и ова:

Филипините поднесоа жалба до ОН поради споровите со Кина во Јужното Кинеско Море

Портпаролот на филипинската крајбрежна стража Џеј Тариела на прес-конференција рече дека кинеската крајбрежна стража не ги почитувала прописите за судир и извршила опасни маневри, што довело до штета, но нема информации за повредени.

Гребенот се наоѓа во филипинската ексклузивна економска зона од 200 наутички милји.