Украина потврди дека се урнал авион Ф-16, пилотот загинал

Воени авиони Ф-16 на украинските воздухопловни сили летаат на непозната локација во Украина, недела, 4 август 2024 година.

Генералштабот на вооружените сили на Украина потврди дека борбен авион Ф-16 се урнал при одбивање ракетен и беспилотен напад на Руската Федерација на територијата на Украина.

Генералштабот во објава на Фејсбук на 29 август соопшти дека украинските авиони Ф-16 учествувале во воздушна битка против руското бомбардирање и собориле четири непријателски крстосувачки ракети.

„За време на приближувањето до следната цел, контактот беше изгубен со еден од авионите. Како што се испостави подоцна, авионот се урнал, а пилотот загинал“, објави војската.

Видете и ова: Киев под „масовен напад“ од Русија по трет пат во последните четири дена

Назначена е посебна комисија на Министерството за одбрана за утврдување на причините за несреќата, соопшти Генералштабот.

Сабрина Синг, заменик портпаролка на Пентагон, рече дека ги видела извештаите за падот на авионот Ф-16, додавајќи дека не знаела за никакво барање за помош по инцидентот.

Таа на брифинг рече дека нема дополнителни информации, но додаде дека пилотите тренираат во САД и се осврна на тешкотиите со кои се соочуваат во битка.