Украинската противвоздушна одбрана собори повеќе од 10 руски беспилотни летала над Киев рано во четвртокот, во третиот голем напад врз украинскиот главен град во последните четири дена, соопшти градската управа.
„Трет воздушен напад врз Киев во последните четири дена! Повторно масовен напад! Овој пат тие користат само нападни беспилотни летала“, изјави на Телеграм, Сергеј Попко, шеф на воената администрација во Киев.
Попко додаде дека нападот дошол од окупираниот дел на украинската област Херсон и од руската област Курск, јави украинскиот сервис на Радио Слободна Европа.
Тој рече дека остатоците од беспилотните летала предизвикале пожар кој бил изгаснат од пожарникарите.
Нема извештаи за жртви.
Видете и ова: Најмалку девет лица загинаа во серија руски напади врз УкраинаВоздухопловните сили на Украина во четвртокот соопштија дека уништиле 60 од 74 руски нападни беспилотни летала и два од трите проектили лансирани во текот на ноќта.
Украинската војска, исто така, во четвртокот соопшти дека нападнала артилериско складиште и две складишта за нафта во Русија, предизвикувајќи пожар во средата во складиштето за нафта Атлас во јужниот регион Ростов.
Украинската војска соопшти дека го нападнала и нафтениот капацитет на Зенит во руската област Киров, на околу 1.500 километри североисточно од границата со Украина.
Нападнат е и артилериски магацин во руската област Воронеж, се додава во истата порака на апликацијата Телеграм.
Гувернерот на областа Воронеж, која граничи со Украина, изјави дека фрагменти од украински дрон предизвикале пожар „во близина на експлозивни предмети“, но дека тие не експлодирале.