Најмалку девет лица загинаа во серија руски напади врз Украина

Русија - Пожар во резервоарите за нафта во складиштето Голубокинскаја, во областа Ростов

Најмалку девет лица загинаа во нови руски воздушни напади и гранатирање на два украински региони на 28 август, кога магацин за нафта во руската област Ростов изгоре во пламен по напад на украинско беспилотно летало.

Неколкумина беа убиени во источниот украински регион Доњецк, каде борбите се водат веќе неколку месеци додека руските трупи започнаа офанзива кон регионалниот центар Покровск.

„Утринава Русите убија четири лица и уништија куќа во Измаиливка во заедницата Курахово“, напиша на Телеграм гувернерот на Доњецк, Вадим Филашкин.

Филашкин рече дека уште две лица загинале во руско гранатирање во Часив Јар, во регионот Бахмут, кој минатата година беше место на повеќемесечен конфликт меѓу украинските сили и напаѓачките сили на платеничката група Вагнер, пишува Радио Слободна Европа(РСЕ) на англиски јазик.

Во гранатирањето беа оштетени и 16 куќи и две згради, рече Филашкин.

Видете и ова: Украина го спроведува првото тестирање на балистичка ракета од домашно производство, вели Зеленски

Во јужниот украински регион Запорожје, три лица, две жени и еден маж загинаа во напад на руски дрон, изјави Иван Федоров, гувернер на регионот.

Претходно, на 28 август, гувернерот на јужниот руски регион Ростов, Василиј Голубев, на руските канали Телеграм ги потврди извештаите за пожар во складиште за нафта во областа Каменски.

„Во областа Каменск, како резултат на напад со дрон, избувна пожар во складиште за гориво. Нема жртви. Во гаснењето на пожарот учествуваат итни служби. Нема опасност пожарот да се прошири на станбените згради“, напиша Голубев на Телеграм.

Украина не ги коментираше информациите, што не можеа да бидат независно потврдени.

Украина, чија цивилна и енергетска инфраструктура беше погодена од немилосрдни руски напади од почетокот на инвазијата на Москва во февруари 2022 година, во последниве месеци ги таргетира нафтените капацитети во Русија кои главно работат за војската.