Времето на криминалците во политиката заврши, изјави премиерот Христијан Мицкоски по посета во Македонска Каменица, откако на 27 август кажа дека му нуделе поткуп за да потпише тендер за пругата кон Бугарија ама тој не прифатил.
„Гледам одредени центри на влијание како се вознемирени, а вознемирени се затоа што ова е стартен ден, јавна набавка што ја водела претходната Влада на СДСМ и ДУИ. Јас одлучив со јавност да се борам против криминалот и корупцијата и затоа ја дадов таа изјава и тоа е порака дека времето на криминалците во политиката заврши, дека е време на чесни политичари луѓе кои што си го љубат својот народ, татковина и ќе работат за интересите на своите сограѓани и својата татковина“, изјави Мицкоски.
Тој пред неколку дена најави дека ќе се формира специјален тим во рамки на неговиот кабинет и ќе има отворена линија на која граѓаните ќе можат да пријавуваат девијантно однесување на административци и на политичари.
Мицкоски по повод денешниот христијански празник Успение на Пресвета Богородица ги посети општините Пробиштип и Македонска Каменица, по поводот Денот на рудари.
Речиси 90 километри пруга од Куманово до границата со Бугарија се гради скоро три децении.
Според меморандумот потпишан на 1 август 2017 година од тогашниот македонски министер за транспорт и врски Горан Сугаревски и неговиот бугарски колега Иваило Московски, трета фаза од Коридорот 8 , од Крива Паланка до Деве Баир, требаше да биде готова до 2025 година.
Мицкоски претходно најави дека ќе бара од Европската банка за обнова и развој да ги пренасочи европските пари за изградба на железничката компонента од Коридорот 8 за брза пруга на Коридорот 10.