На премиерот му нуделе поткуп за пругата до Бугарија, не го прифатил

Премиер на РСМ, Христијан Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски се пожали дека бил жртва на обид за поткуп во изминатиот период за да се добие неговата согласност за тендерската документација за коридорот 8. Веста ја сподели тој на денешната прес конференција во Владата.

„За Коридорот 8, секцијата 3, пругата, врз мене имаше обид да ми биде понуден поткуп со којшто јас, како претседател на Владата, би потпишал прифаќање на оваа тендерска документација која што истекува на 17 септември и кажав дека сѐ додека сум јас претседател на Владата, овој тендер, којшто е тековен и завршува на 17 септември, нема да го прифатам“, рече Мицкоски.

Видете и ова: Мицкоски жали што Бугарија прави политика од пренамената на парите за Коридорот 8

Мицкоски рече дека причината е техничка и морална и дека завршиле времињата за тој начин на комуникација бидејќи тоа би биле пари на европските даночни обврзници. Посочи дека понатаму преговорите ќе одат на високо ниво во Европската Комисија.

Инаку според Мицкоски приоритети ќе бидат сите коридори кои минуваат низ Северна Македонија и 8 и 10, бидејќи се многу важни. Објави дека пред почетокот на денешната владина седница комуницирале со официјални лица од Брисел од ЕК и банките кои даваат заем а тоа се Европска банка за обнова и развој и Европската инвестициската банка. Убедуваше дека ги убедил дека вака како што е конципиран проектот претставува проблем и дека им станало јасно дека се работи за проект кој како што рече завршува на половина тунел.

Речиси 90 километри пруга од Куманово до границата со Бугарија се гради скоро три децении.

Бугарската влада ја обвинува македонската дека не го почитува потпишаниот Договор во повеќе сегменти ,меѓу кои, и во делот за пробивањето на роковите за изградба на пругата. Според меморандумот потпишан на 1 август 2017 година од македонскиот тогашен министер за транспорт и врски Горан Сугаревски и неговиот бугарски колега Иваило Московски, трета фаза од Коридорот 8 според договореното од Крива Паланка до Деве Баир требаше да биде готова до 2025 година.

Мицкоски претходно најави дека ќе бара од Европската банка за обнова и развој да ги пренасочи европските пари за изградба на железничката компонента од Коридорот 8 за брза пруга на Коридорот 10.