Кремљ во вторникот, 27 август, соопшти дека сериозните обвинувања на Франција против шефот на Телеграм Павел Дуров ќе се сметаат за обид за ограничување на слободата на комуникација, освен ако не се поткрепени со сериозни докази.
Дуров, милијардер роден во Русија, беше уапсен во Франција за време на викендот, како дел од истрагата за наводите за слики за сексуална злоупотреба на деца, трговија со дрога и лажни трансакции на платформата, соопштија во понеделникот француските обвинители.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков на прес-конференција рече дека Русија е подготвена да му ја пружи сета потребна помош на Дуров со оглед на неговото руско државјанство, но дека француското државјанство на Дуров ја комплицира ситуацијата.
Дуров има и пасош од Обединетите Арапски Емирати.
Видете и ова: Руски власти наводно наредиле бришење на пораки од Телеграм„Обвинувањата се навистина многу сериозни“, рече Песков.
„Тие бараат не помалку сериозни докази. Во спротивно, тоа ќе биде директен обид да се ограничи слободата на комуникација“, додаде портпаролот на Кремљ.
Русија претходно се обиде, но не успеа, да го блокира Телеграм и неколку пати ја казни компанијата затоа што не ја отстрани содржината што ја сметаше за нелегална.
Песков рече дека случајот на Дуров може да се сфати како заплашување на шефот на голема компанија и фрли сомнеж врз тврдењето на францускиот претседател Емануел Макрон дека нема политички мотиви за притворањето на Дуров.
Шефот на Телеграм може да биде задржан во полиција до среда, откако француските обвинители соопштија дека наредиле повеќе време за испрашување.