Француски полицаец повреден во експлозија пред синагога

Илустрација

Полицаец беше повреден кога запален автомобил експлодираше на паркинг на синагога во јужниот француски град Ла Гран-Мот на 24 август, соопштија официјални лица, пренесе агенцијата Ројтерс.

Француските власти го нарекоа инцидентот намерен напад, додавајќи дека безбедноста во еврејските институции ќе биде зголемена.

Полицијата трага по осомничениот, а антитерористичкото обвинителство е задолжено за истрагата, изјави премиерот на Франција, Габриел Атал.

„Ова е антисемитски напад. Повторно нашите еврејски сонародници се цел на напади“, напиша Атал на мрежата Икс (поранешен Твитер).

Видете и ова: Уапсен трет осомничен за планираниот напад во Виена, ОН предупредија на зголемен ризик од тероризам

Франција, како и други земји во Европа, забележа зголемување на антисемитските инциденти по нападот на 7 октомври врз Израел од страна на Хамас, организација означена како терористичка од ЕУ и од САД и одмаздничкиот напад на Израел врз Газа.

Локалните медиуми јавија дека утрото на паркингот на синагогата биле запалени два автомобили, од кои едниот имал најмалку една плинска боца.