ОН: 90 отсто од населението во Газа е раселено

Раселени Палестинци во населбата Римал во Газа, 20 август 2024

Повторените израелски наредби за евакуација во Појасот Газа раселија 90 отсто од 2,1 милион жители на палестинската територија од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас, изјави највисокиот хуманитарен претставник на Обединетите Нации (ОН) за Газа, Муханад Хади.

Организацијата Хамас, од САД и ЕУ е прогласена за терористичка организација.

Хади прецизираше дека само во август имало 12 вакви наредби и дека наредбите за евакуација ги загрозуваат цивилите наместо да ги штитат, пренесе агенцијата Асошиејтед Прес (АП).

„Тие ги принудуваат семејствата повторно да бегаат, често под оган и со малку работи што можат да ги понесат со себе, во области кои се се помали, пренаселени и небезбедни“, додаде хуманитарниот претставник на ОН.

Лишени се од медицинска нега, засолниште, бунари и хуманитарни материјали, „тие бегаат од едно уништено место до друго и не им се гледа крајот“, вели Хади.

Тој подвлече дека меѓународното хуманитарно право бара цивилите да бидат заштитени и дека е неопходно да се ослободат израелските заложници, да се олесни хуманитарниот пристап и да се постигне договор за прекин на огнот.

Видете и ова: Американската амбасадорка во ОН: На повидок е договор за прекин на огнот во Газа

Конфликтот во Појасот Газа започна откако во октомври 2023 година, вооружените екстремисти на Хамас, убиле околу 1.200 Израелци и киднапирале околу 250 заложници, според израелските податоци.

Потоа, израелската армија започна со напади во Газа, при што беше уништен добар дел од станбената и друга инфраструктура на енклавата.

Според палестинската здравствена управа, која е под контрола на Хамас, досега се убиени најмалку 40.000 луѓе.

Меѓународните хуманитарни организации предупредуваат дека низ Газа се шират болести и глад, а 2,3 милиони луѓе се протерани од своите домови.