Индискиот премиер Нарендра Моди се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски во неговата историска посета на Украина во петокот, 23 август. За време на посетата Моди побара решение за војната со Русија која трае повеќе од две години.
Како што можеше да се забележи, индискиот премиер го прегрна Зеленски кој беше видно емотивен, за време на средбата која се одржа во Марински палатата во Киев.
Ова е прва посета на кој било индиски премиер на Украина.
Индискиот лидер пристигна со воз од Полска, а украинските железници објавија видео на Фејсбук на кое се гледа Моди на перон на железничката станица по пристигнувањето во Киев.
Сите официјални делегации доаѓаат во Киев со воз, бидејќи од почетокот на војната, пред 2,5 години, авионите се приземјени.
Моди се поздравува со припадниците на индиската заедница во Киев, 23 август 2024 г.
Моди се гледа себеси како можен миротворец меѓу Москва и Киев.
Сепак, неговата посета доаѓа во драматичен момент кога дипломатско решение за двоиполгодишниот конфликт изгледа подалеку од кога било.
Имено, во тек е голем упад на украинските сили во руската област Курск, додека московските трупи напредуваат во источна Украина, тврдејќи дека во изминатите недели зазеле неколку градови и села.
„Ниту еден проблем не може да се реши на бојното поле“, рече Моди во средата во Полска, пред да замине за Украина.
Индија, рече тој, ги поддржува „дијалогот и дипломатијата за да се обноват мирот и стабилноста што е можно поскоро“.
Видете и ова: Индискиот премиер му рекол на Путин дека „срцето крвари“ кога се убиваат децаОд неговиот кабинет објавија дека тој има намера да разговара со Зеленски за изгледите за мирно решение на конфликтот.
Сепак, не е јасно дали Моди може да биде ефикасен преговарач, имајќи предвид дека одржува добри односи со рускиот претседател Владимир Путин, со кого во јули се сретна во Москва поради што беше мета на критики.
Индија се обидува да одржи деликатна рамнотежа меѓу Русија и западните земји, до кои се обидува да се приближи за да може да се спротивстави на Кина, нејзиниот регионален ривал.