По шести пат од декември, денеска (23 август) повторно еруптираше вулканот во југозападен Исланд исфрлајќи вжештена лава и чад.
Вкупната должина на пукнатината била околу 3,9 километри и за 40 минути се проширила за 1,5 километри, објави Исландската метеоролошка служба, која ги следи вулканите, пренесе Ројтерс.
„Влијанието е ограничено на локализирана област во близина на местото на ерупцијата. Не претставува закана за животот и областа во близина е евакуирана“, соопшти Министерството за надворешни работи на Исланд.
Видете и ова:
Некој ни по низина, а некој на вулкан со велосипедЛава не течела кон блискиот рибарски град Гриндавик, чии жители, речиси 4.000, се евакуирани од ноември лани.
Ерупцијата се случи во серијата кратери Сундхнукар источно од планината Силингафел, делумно преклопувајќи ги другите неодамнешни ерупции на полуостровот Рејкјанес, во вулкански систем кој нема централен кратер, но еруптира со отворање огромни пукнатини во земјата.
Истражувањата покажаа дека магмата се собира под земја, поради што се издадоа предупредувања за нова вулканска активност во областа јужно од главниот град на Исланд, Рејкјавик.
Последната ерупција на полуостровот Рејкјанес, дом на околу 30.000 луѓе или речиси осум отсто од вкупното население на земјата, заврши на 22 јуни откако 24 дена исфрлаше „фонтани“ од стопена карпа.