Шефот на ЦИА се сретна со Курти во Приштина

Автомобил со дипломатски таблички во дворот на владината зграда во Приштина

За време на неговиот престој во регионот, шефот на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА), Вилијам Барнс, денеска (23 август) во Приштина се сретна со премиерот на Косово, Албин Курти.

Еден ден претходно, Барнс одржа средба и со претседателката на Косово, Вјоса Османи, и со шефицата на Косовската разузнавачка агенција (КИА), Петрита Ајети.

Ниту една од страните не се огласи по повод овие средби.

Косовскиот премиер Курти оваа недела беше во САД, каде што присуствуваше на Националната конвенција на Демократската партија на покана на Националниот демократски институт (НДИ).

Видете и ова: Шефот на ЦИА разговарал за сецесионизмот на Додик во Сараево

Посетата на директорот на ЦИА на Косово следува по неговите посети на Босна и Херцеговина и на Србија.

Во Сараево, на 20 август, Барнс се сретна со директорката на Агенцијата за разузнавање и безбедност на Босна и Херцеговина, Алмира Џува, и со членовите на Претседателството на БиХ, Денис Беќировиќ, Жељко Комшиќ и Жељка Цвијановиќ, српската членка на Претседателството која е под санкции од САД.

Како што претходно изјави за Радио Слободна Европа (РСЕ) претставник на американската влада, кој сакаше да остане анонимен, причината за посетата на шефот на ЦИА на Сараево, меѓу другото, била вознемирувачката сепаратистичка реторика и постапките на Милорад Додик, прорускиот претседател на Република Српска, и на Владата на овој ентитет во БиХ.

Во Србија никој не ја демантираше ниту ја потврди посетата на Барнс.

Посетата на Барнс на регионот доаѓа во време кога американскиот амбасадор во Косово, Џефри Ховениер, рече дека неговата земја била предизвикана во неколку аспекти од Владата на Косово, предводена од Албин Курти.

Видете и ова: Вучиќ и Додик на средба во Белград ги „анализираа регионалните прашања“

САД и другите земји од меѓународната заедница критикуваа некои одлуки и дејствија што неодамна ги презеде владата на Курти, кои беа оценети како „еднострани“ и „некоординирани“.

Барнс е поранешен американски амбасадор во Русија. Тој е централна фигура во администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден, бидејќи е и член на претседателскиот кабинет на Белата куќа.

Тој беше номиниран од Бајден за директор на ЦИА во јануари 2021 година.