Главчев има рок до понеделник за составување нова привремена влада на Бугарија

Dimiter Glavchev

Претседателот на Бугарија Румен Радев повторно го номинираше Димитар Главчев за кандидат за привремен премиер, соопшти прес-службата на шефот на бугарската држава.

Во 12 часот, претседателот го прими кандидатот за привремен премиер во претседателската институција. Радев му наложи на Димитар Главчев пред сè да предложи „внимателно разгледани промени во составот на владата“.

„Инсистирам вашата влада да го стави како основен приоритет спречувањето на купувањето на гласови... Ова е неопходен услов за успехот на овој мандат. Се надевам дека бев сосема јасен“, истакна бугарскиот претседател.

Видете и ова:

Бугарија на неодредено време ги одложи парламентарните избори

Румен Радев му даде рок на Димитар Главчев до понеделник да му го претстави составот на новата привремена влада.

„Ако бидеме успешни, изборите ќе се одржат на 27 октомври“, додаде Радев.

Димитар Главчев не прецизираше дали ќе го смени министерот за внатрешни работи Калин Стојанов, како што бараат сите политички сили, освен Делјан Пеевски. Тој само изјави дека ќе ги исполни „очекувањата на јавноста“ за да се намали политичката напнатост.

Вчера, Димитар Главчев разреши петмина заменик-министри од актуелната влада, без да посочи мотиви за тоа.