Амбасадата на Белорусија во Ереван нападната со јајца и домати поради изјава на Лукашенко

Протест пред Амбасадата на Белорусија во Ереван, 21 1вгуст 2024 година.

Демонстранти во Ереван фрлаа јајца и домати врз амбасадата на Белорусија, барајќи прекин на дипломатските односи со Минск, поради изјавите на авторитарниот белоруски лидер Александар Лукашенко дека Ерменија се врти кон Запад, објави ерменскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).

Протестите на 21 август се случија еден ден откако Лукашенко, во интервју за руската државна телевизија, остро ја критикуваше сегашната дипломатска наклонетост на Ерменија кон западните земји во услови на тензии меѓу Ереван и Москва.

„Кому му требаат Ерменците? Никому не му требаат. Нека ја развиваат својата економија и нека ги засноваат своите напори на она што го имаат. Каква Франција? Каков (францускиот претседател Емануел) Макрон? Утре, кога Макрон ќе го нема, сите ќе заборават на Ерменците ", рече Лукашенко во интервју.

Видете и ова:

Лукашенко помилува 30 затворени опозициски активисти

Митингот пред Амбасадата на Белорусија на 21 август го организираше прозападната партија За Републиката. Меѓу демонстрантите беше и лидерот на партијата, Арман Бабаџанијан.

Петицијата на партијата со која се бара протерување на белорускиот амбасадор и се бара прекин на врските со Минск, ја потпишаа и две други политички партии - Републиката и Европската партија.

Петицијата ја потпишаа и три прозападни невладини организации.

Во мај оваа година, ерменскиот премиер Никол Пашинјан рече дека две земји-членки на Организацијата на Договорот за колективна безбедност (ОДКБ) му помогнале на Азербејџан да се подготви за војна во Нагорно-Карабах во 2020 година. Се верува дека Пашинјан мислел на Русија и Белорусија.

Руско-ерменските односи значително се влошија откако Азербејџан успеа да ја врати контролата врз Нагорно Карабах во септември минатата година, кој беше под контрола на Ерменија три децении.

Ереван бара поблиски врски со Западот, обвинувајќи ја Москва дека не ги почитува своите безбедносни обврски кон Ерменија.

Пашинјан во неколку наврати се закануваше дека ќе го повлече членството на Ерменија од ОДКБ, поради што рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ја обвини администрацијата на Пашинјан дека „доведе до колапс на руско-ерменските односи“ по налог на Западот.