Украинските бегалци се соочуваат со протерување од засолништата во Унгарија

Унгарија - Бегалци во Коч, Северно од Будимпешта, 21 август 2024 година.

Илјадници украински бегалци се соочуваат со можно протерување од засолништата во Унгарија oткако на 21 август стапија на сила измените на законот со кои им се одзема правото на субвенционирано домување, објави агенцијата АФП.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан во јуни потпиша декрет за ограничување на државната поддршка за бегалците од делови на Украина кои не се сметаат за погодени од војната со Русија.

Будимпешта моментално смета 13 региони како региони погодени од руската инвазија. Според АФП, ова е околу половина од регионите во Украина.

Комесарот на унгарската влада Норберт Пал ги бранеше измените на законот како „разумни и пропорционални“ повеќе од две години по почетокот на руската инвазија на Украина. Тој за провладиниот весник „Маѓар Немзет“ изјави дека „оние кои сакаа да застанат на нозе во Унгарија може да го сторат тоа“.

Засолништата во приватна сопственост веќе почнаа да ги иселуваат бегалците од Украина кои сега не ги исполнуваат условите за државна поддршка, објави Групата за помош при миграции.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Украина e подготвена да прими руски бегалци од Курск

Во Коч, северно од Будимпешта, околу 120 бегалци, главно Ромки и деца од Закарпатје на западот на Украина, беа протерани под полициски надзор од пансион во средата, го пренесува АФП сведочењето на својот дописник.

„Ние сме во безизлезна ситуација, бидејќи немаме каде да одиме. Не можеме да се вратиме дома, во Украина, имам 17-годишен син“, изјави Марина Амит, мајка на пет деца која минатата година побегна од Украина во Унгарија.

Амит додаде дека се плаши дека нејзиниот син ќе биде мобилизиран по неговото враќање во Украина.

Агенцијата на Обединетите нации за бегалци (УНХЦР) проценува дека во текот на неделата поради измените во законот во Унгарија, околу две до три илјади Украинци би можеле да го изгубат пристапот до субвенционираното сместување.

Промените на регулативите ќе резултираат со „загуба на работни места и ќе влијаат на уписот во училиштата, со што ќе се загрозат позитивните достигнувања во досегашната интеграција“, соопштени УНХЦР и ја повика Унгарија да ја разгледа одлуката за измените на законот.