Иранскиот парламент ги одобри сите членови на кабинетот на Пезешкијан

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан во Парламентот во Техеран, 17 август 2024 година.

Иранскиот парламент ги одобри сите членови на кабинетот на реформистичкиот претседател, Масуд Пезешкијан. Ова се случува првпат по повеќе од две децении, објави агенцијата Асошиејтед прес (АП).

Одобрувањето претставува удар за Пезешкијан, долгогодишен пратеник кој победи на претседателските избори откако неговиот претходник, Ебрахим Раиси, загина во хеликоптерска несреќа во мај.

АП пренесува дека одобрението на членовите на неговиот кабинет покажува дека Пезешкијан избрал членови на кабинетот кои одговараат на сите центри на моќ на иранската теократија, за разлика од претходниот контроверзен избор на членови.

Видете и ова: Зариф поднесе оставка од функцијата потпретседател на Иран

Поранешниот министер за надворешни работи, Мохамад Џавад Зариф, кој ја водеше претседателската кампања на Пезешкијан, подоцна поднесе оставка од функцијата потпретседател за време на изборот на кабинетот на претседателот.

Веднаш потоа, Пезешкијан објави слика на Интернет на која стои до шефот на иранското правосудство, шиитски свештеник и претседател на парламентот, со кој еднаш се соочи на избори.

„Консензус за Иран“, напиша Пезешкијан над фотографијата.

Абас Арагчи, 61-годишен дипломат, е назначен за нов министер за надворешни работи на Иран. Тој беше член на иранскиот преговарачки тим кој постигна нуклеарен договор со светските сили во 2015 година. Со него се ограничи нуклеарната програма на Техеран во замена за укинување на санкциите.

Во 2018 година, тогашниот американски претседател Доналд Трамп ги повлече Соединетите држави од договорот и воведе дополнителни санкции кон Иран. Пезешкијан за време на неговата претседателска кампања рече дека ќе се обиде да го оживее нуклеарниот договор.

Единствената предложена министерка за домување и патишта, Фарзанех Садег, 47-годишна архитектка, доби 231 глас. Таа е првата жена на министерска позиција во Иран по повеќе од една деценија.

Пред Пезешкијан, екс-реформистичкиот претседател, Мохамад Катами, беше единствениот претседател кој доби доверба за сите негови поднесени министри во 1997 и 2001 година.