За една седмица 271 нови случаи на Ковид-19

Илустрација

Вкупно 271 нови случаи на болни од Ковид-19 се регистрирани во Северна Македонија во периодот од 12 до 18 август. Ова е зголемување за 60, 5 проценти во однос на претходната седмица.

Во лабораториите се тестирани 608 материјали, што е зголемување од 33,3 отсто.

„Во тековната недела, регистрирани се заболени лица во општините од 17 градови. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје - 152, Кавадарци - 25, Тетово - 23 и од Охрид - 22, a највисока инциденца е регистрирана во Кавадарци“, пишува во извештајот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), објавен попладнево.

Има заболени во сите возрасни групи, но најмногу меѓу лицата над 60 годишна возраст. Од оваа возрасна група, пријавено е едно починато лице асоцирано со Ковид-19.

„Се работи за лице со коморбидитети, невакцинирано со вакцина против Ковид-19“, појаснуваат од ИЈЗ.

И министерот за здравство, Арбен Таравари, на прес-конференција на 21 август потврди дека има пораст на бројот на заболени и апелираше да се почитуваат препораките од здравствените власти.

„Пациентите кои се третираат на клиниките од одредена болест, а во меѓувреме се инфицираат и со Ковид-19, препораките се да продолжат со лекување во истата клиника, конзилијарен инфектолог да даде препорака за дополнителна терапија доколку треба. Повеќето пациенти очигледно го поминуваат асимптоматски или со многу лесна форма на симптоми“, рече Таравари.

Видете и ова:

Зголемен бројот на позитивни на Ковид во Северна Македонија

Од Министерството за здравствона 20 август, а по состанок на Комисијата за заразни болести, потсетија дека треба да се избегнува групирање и подолг престој во затворени простории, редовно да се проветруваат просториите, почесто да се мијат рацете и да се избегнува близок контакт со заболени лица.

Според препораките, тестирање за Ковид-19 не е услов за прием во здравствена установа. За Ковид-19 треба да се тестира исклучиво според индикација, односно, доколку пациентот има симптоми карактеристични за Ковид-19.

Првиот случај на Ковид 19 во земјава беше регистриран на 26 февруари 2020 година. Според ИЈЗ, од тогаш до крајот на јули годинава пријавени се 9.992 смртни случаи.