На конвенцијата на Демократската партија во Чикаго, САД, која започна денеска (19 август), се очекува да присуствуваат околу 50.000 луѓе. Оваа бројка вклучува и илјадници антивоени активисти кои планираат да демонстрираат во близина на местото каде што потпретседателката на САД Камала Харис официјално ќе ја прифати партиската номинација за претседателка.
Претходно овој месец, демократските делегати преку онлајн гласање ја избраа Харис за претседателски кандидат. Сепак, партијата ќе го спроведе и традиционалното церемонијално гласање за време на конвенцијата.
Американскиот претседател Џо Бајден, кој има 81 година и пред еден месец ја откажа предизборната кампања за реизбор под притисок на демократското раководство дека е премногу стар, се очекува да одржи говор во текот на првата вечер од конвенцијата. На сцената треба да му се придружи и Харис, која самиот Бајден ја поддржа за негов наследник.
Видете и ова: Почнува националната конвенција на Демократската партија на САДХарис формално ќе ја прифати номинацијата во четврток вечер и ќе го одржи долгоочекуваниот говор. Доколку биде избрана на 5 ноември, таа ќе влезе во американската историја како прва жена претседател.
Во исто време, поранешниот американски претседател и републикански кандидат Доналд Трамп се очекува во текот на неделата да ја води својата кампања во клучните сојузни држави.
За време на Демократската конвенција, се очекува голем број активисти во Чикаго да протестираат со надеж дека ќе го привлечат вниманието на прашања како економската неправда, репродуктивните права и војната во Газа. Многу активисти се согласуваат дека повикот за прекин на огнот во војната меѓу Израел и Хамас, кој ЕУ и САД ги прогласија за терористичка организација, е сеопфатната порака од демонстрациите.
Областа на Чикаго ја има една од најголемите палестински заедници во САД.
Организаторите проценуваат дека на протестите на првиот ден од конвенцијата ќе дојдат најмалку 20.000 луѓе.
„Мораме да го направиме нашиот дел за да го запреме геноцидот, да ја прекинеме американската помош за Израел и да застанеме со Палестина“, рече Хатем Абудаје, портпарол на Коалицијата за марш на Демократската конвенција.
Коалицијата ја сочинуваат околу двесте организации.
Видете и ова: Претседателска кампања на Харис во сенка на протести против војната во ГазаПрвите протести беа одржани веќе во неделата, а меѓу насобраните имаше и такви кои повикуваа на правото на абортус, на правата на ЛГБТК+ и заедницата и на крај на војната во Газа. Маршот траеше со часови, се одвиваше по траса што ја обезбедуваше полицијата и немаше поголеми инциденти. Полицијата во Чикаго соопшти дека две лица се уапсени за давање отпор и оштетување имот.
Сепак, меѓу жителите постои и загриженост за безбедноста и стравувања дека демонстрациите би можеле да се претворат во хаос.
Чикаго, кој бил домаќин на повеќе политички конвенции од кој било друг град во САД, сè уште прави споредби со конвенцијата од 1968 година кога полицијата се судри со демонстрантите кои протестираа против војната во Виетнам.