Парламентарни избори во Косово на 9 февруари

Претседателката на Косово, Вјоса Османи.

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, го одреди 9 февруари 2025 година за датум за редовни парламентарни избори во Косово.

Во указот потпишан од Османи се наведува дека датумот за избори е одреден по консултација со политичките партии и Централната изборна комисија (ЦИК).

Ова ќе бидат први редовни парламентарни избори што се организираат во Косово по прогласувањето на независноста во 2008 година.

По објавувањето на датумот за избори, Беким Купина, политичкиот советник на претседателот на Косово, изјави дека по консултации со политичките партии, како и со првиот човек на ЦИК, 9 февруари е избран како „оптимален датум кој ги балансира преференциите на сите големи партии“.

„Претседателката оцени дека е важно изборната кампања да започне откако ќе поминат голем број календарски празници кои траат до 7 јануари. Покрај тоа, претседателката Османи веќе ја покани Европската Унија да испрати мисија за прелиминарна проценка, додека според практиката, таа повторно ќе се обрати до ЕУ во врска со набљудувачката мисија, каде што ќе се предложи да се следи периодот на кампањата, не само на денот на изборите“, напиша Купина на Фејсбук.

Видете и ова: Србија бара објаснување од Северна Македонија за бегството на Рамадани

Според него, Османи ќе побара да се следи аспектот на родовата еднаквост во текот на кампањата, но и на денот на изборите.

„Претседателката наскоро ќе ги покани сите политички партии да потпишат список со заеднички обврски, изразувајќи ја нивната посветеност за одржување на највисоките стандарди во овој изборен процес“, рече Купина.

Османи на 31 јули ги повика сите парламентарни партии на консултации за утврдување на датумот на изборите.

На оваа средба не учествуваше претседателот на владејачката партија Движење за самоопределување, Албин Курти.

По таа средба Османи рече дека партиите имале различни предлози за датумот за избори, но дека никој не инсистирал на еден. Некои од споменатите датуми беа 26 јануари или 2, 9 и 16 февруари.

Видете и ова: Османи: Косово не треба да ја прашува Србија за мостот на Ибар

Опозициските партии долго време бараат предвремени избори, но на почетокот на оваа година не успеаја да постигнат договор за предвремени избори.

На крајот на мај пропадна иницијативата на најголемата опозициска Демократска партија на Косово да се оди на избори со распуштање на Собранието.

На ова се спротивставија уште две опозициски партии, Демократскиот сојуз на Косово и Алијансата за иднината на Косово, кои побараа Владата на Албин Курти да поднесе оставка или да биде разрешена.

Но, на овие две барања се спротивстави Движењето за самоопределување на Курти.