Агенти на ФБИ извршиле рација и го пребарале домот на Дмитри Сајмс во Вирџинија. Сајмс е истакнат политички коментатор и автор кој води програма за актуелни настани на руската државна телевизија Канал 1, објави весникот Рапаханок њуз на 16 август.
Од ФБИ за весникот изјавија дека потрагата започнала на 13 август, но одби да коментира дополнително, објави рускиот сервис на Радио Слободна Европа.
Сајмс за весникот изјави дека моментално е надвор од земјата, но бил „збунет и загрижен“ од акцијата на ФБИ. Тој за руската државна новинска агенција ТАСС на 16 август изјави дека информациите дека агенти на ФБИ се во неговиот дом се точни, иако тој не бил официјално известен за тоа што се случува.
Сајмс е роден во Москва во 1947 година, а емигрирал во САД во 1973 година. Тој беше неформален советник на поранешниот американски претседател Ричард Никсон и редовно патувал со Никсон во Русија и другите поранешни советски земји.
Во 1994 година, Никсон го именуваше да раководи со Центарот за национален интерес, кој во тоа време беше наречен Никсон- центар за мир и слобода. Сајмс се повлече од позицијата во 2022 година.
Сајмс, исто така, беше советник во претседателската кампања на Доналд Трамп во 2016 година и организираше важен надворешнополитички говор во 2016 година во кој Трамп ја истакна визијата за поголема соработка со Русија.
Видете и ова: САД: Русија потрошила над 300 милиони долари за тајно влијание врз светската политикаИмето на Сајмс беше споменато повеќе од 100 пати во извештајот на американскиот специјален советник Роберт Мулер од 2019 година, насловен како „Извештај за истрагата за руското мешање во претседателските избори во 2016 година“.
Исто така Сајмс ја модерираше сесијата со прашања и одговори со рускиот претседател Владимир Путин на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург во 2023 година.
Претходно овој месец, Фокс њуз објави дека агенти на ФБИ извршиле рација во њујоршкиот дом на Скот Ритер, поранешен инспектор за оружје на ОН во Ирак, кој често соработувал со руските владини медиуми, вклучувајќи ги РТ и Спутник. Портпаролот на ФБИ за Фокс изјави дека претресот е дел од „тековната“ истрага.
Ритер ја поддржа целосната инвазија на Украина од Русија и во јануари им се обрати на илјадници чеченски војници на централниот плоштад во главниот град на Чеченија, Грозни.
Во јуни, американските власти му го одзедоа пасошот на Ритер и го спречија да патува на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург.