Тројца цивили загинаа во руски напад во Доњецк

Последици од руски ракетен напад врз трговскиот центар во Костјантиновка, 9 август 2024

Тројца цивили загинаа, а пет беа повредени во руските напади во последните 24 часа во источниот украински регион Доњецк, изјави локален функционер во петок, 16-ти август.

Руските сили се обидуваат да го освојат градот Покровск, кој е важен логистички центар.

Источниот регион на Доњецк, делумно окупиран од руските трупи, редовно е изложен на нивно гранатирање и воздушни напади. Украинските власти наведуваат дека заземањето на овој регион е приоритет за Москва.

Бројот на престрелки што ги пријави украинската армија на Покровскиот фронт во последните 24 часа се намали на 41 од 58 во споредба со претходниот ден. Во оваа област се водеа некои од најтешките битки во војната.

Гувернерот на регионот, Вадим Филашкин, изјави дека три лица се повредени во нападот во областа Селидове во областа околу Покровск. Тој рече дека се оштетени шест објекти.

Видете и ова:

Најмалку 12 загинати, 44 ранети во напад на супермаркет во Украина

Едно лице загина во селото Николаевка, а две други се повредени во градот Костијантиновка западно од Бахмут, разурнат град што Русија го освои минатата година по неколкумесечни тешки борби.

Уште две лица загинаа во селото Верхниокамјанка, рече Филашкин. Девет станбени згради и осум куќи беа исто така оштетени во областа, додаде гувернерот.

Руските трупи ги засилија нападите на Покровскиот фронт оваа недела, откако украинските сили извршија ненадеен напад на 6 август и соопштија дека напреднале 35 километри во руската област Курск.