Се урна руски бомбардер Ту-22М3 во Сибир

Руски воен авион Ту-22М3 лета над Црвениот плоштад за време на воена парада.

Бомбардер Ту-22М3 се урна во областа Черемховски во рускиот регион Иркутск, објавија медиумите, а информации беа споделени и на каналот „112“ на Телеграм повикувајќи се на руското Министерството за одбрана.

Одделот соопшти дека авионот се урнал за време на планираниот лет, а според прелиминарните податоци причина за катастрофата е техничка неисправност.

Авионот се урнал во ненаселено место и немало оштетувања на земјата, додека екипажот успеал да се катапултира, соопшти руската војска.

Жителите на селото Михајловка за локалните медиуми изјавија дека авионот се урнал недалеку од влезот во селото и дека претходно почнал да гори.

Според каналот „Mash“ на Телеграм, во бомбардерот имало четворица членови на екипажот и полетал од воздухопловната база Белаја.

Видете и ова: Украина и Русија тврдат дека постигнуваат успеси во борбите во регионот Курск

„Неколку минути подоцна, системот покажа дефект на левиот мотор кој се запали. Екипажот го однесе авионот во реонот на селото Михајловка и сега таму има пожар“, се вели во извештајот.

Подоцна, каналот објави дека спасувачите веќе лоцирале тројца членови на екипажот. Потрагата по четвртиот е во тек. Тој претходно контактирал со спасувачите и пријавил дека ја скршил ногата.

Во април 2024 година, бомбардер Ту-22М3 се урна во Ставрополската територија.

Министерството за одбрана тогаш соопшти дека инцидентот се случил за време на враќањето на авионот „по завршување на борбена мисија“.

Тројца членови на екипажот се катапултирале, но еден загинал. Украинските вооружени сили соопштија дека авионот бил соборен од украинската војска.