Ксенија Карелина, руско-американска работничка во спа-центар, денеска (15 август) беше осудена на 12 години затвор, откако беше прогласена за виновна за предавство затоа што донирала пари во добротворна организација за поддршка на Украина.
Жителката на Лос Анџелес се изјасни за виновна на нејзиното затворено судење во градот Екатеринбург на Урал, каде што нејзиниот случај беше сослушан од истиот суд кој во јули го осуди новинарот на Волстрит џурнал, Еван Гершкович за шпионажа.
Судот соопшти дека истражителите откриле дека Карелина, на 24 февруари 2022 година, односно на првиот ден од руската инвазија на Украина, „префрлила средства на една украинска организација, кои потоа биле користени за купување на медицинска опрема и средства од вооружените сили на Украина“.
Видете и ова: Затворениците кои останаа во Русија по историската разменаНејзините поддржувачи велат дека таа донирала 51,80 долари за Разом за Украина, добротворна организација со седиште во Њујорк која обезбедува хуманитарна помош за децата и постарите луѓе во Украина. Добротворната организација негираше дека му дава каква било воена поддршка на Киев.
Триесет и тригодишната девојка не беше вклучена во големата размена на затвореници меѓу Русија и Западот минатата недела, со која беше ослободен Гершкович, но нејзиниот адвокат Михаил Мушаилов рече дека се надева дека ќе биде вклучена во некоја идна размена.
Карелина е родена во Русија и емигрирала во Соединетите Држави во 2012 година, а американско државјанство добила во 2021 година.