Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 14 август изјави дека украинските сили покажуваат „добар напредок“ во руската област Курск, велејќи дека Киев ја постигнува својата стратешка цел во операцијата.
Во своето видео обраќање објавено на социјалната платформа Телеграм, Зеленски апелираше до партнерите да ги намалат ограничувањата за упортреба на оружјето за да може да се користи оружјето со долг дострел врз цели во Русија.
„Колку се похрабри одлуките на партнерите, толку помалку Путин може да направи“, рече тој.
Во меѓувреме властите во западниот руски регион Белгород прогласија регионална вонредна состојба додека украинските сили ја продолжуваат својата офанзива во соседната област Курск.
„Ситуацијата во нашиот регион Белгород останува исклучително тешка и напната.Вооружените сили на Украина гранатираат секој ден. Куќи беа уништени, а цивили беа ранети и убиени“, напиша гувернерот Вјачеслав Гладков на Телеграм во средата.
Белгород претходно најави евакуација на илјадници цивили од областите што граничат со Украина и регионот Курск. Москва прогласи „антитерористичка операција“ во регионите Курск, Белгород и Брјанск.
Руското Министерство за одбрана во среда (14 август) објави дека 37 украински беспилотни летала се „уништени“ над регионот Воронеж, неколку стотици километри југозападно од Москва. Гувернерот на регионот Воронеж, Александар Гушев, изјави дека нема пријавени жртви, но дека се оштетени неколку станбени згради.