Казнети 16 фирми поради непочитување на владини препораки за портокаловата фаза

Илустрација

Вкупно 16 решенија за забрана за работа поради непочитување на владините препораки за заштита од топлотниот бран, изрекле државните трудови инспектори. Работниците биле активни и диретно изложени на високи температури во период од 11 до 17 часот,велат од Државниот инспекторат за труд (ДИТ) за новинската агенција МИА.

Во тек на инспекциските надзори спроведени на 12 и 13 август, деновите за кои Владата донесе препораки, изречени се и 19 решенија со наредба за почитување на препораките за превенција и заштита на работниците при работа во услови на топлотен бран.

Видете и ова: Не излегувајте надвор - во портокалово сме

Во текот на вчерашниот ден државните инспектори за труд извршиле вкупно 139 инспекциски надзори, во дејностите каде работниците се директно изложеност на високи температури на отворено или каде во текот на работењето се изложени на топлинско зрачење.

Притоа на работодавачите им издале 11 решенија со наредба за почитување на препораките, како и седум решенија за забрана за работа за затекнување на активности каде работниците се директно изложени на високи температури во период од 11 до 17 часот.

Со владините препораки за намалување на ризиците од високите температури беа ослободени од работни обврски бремените жени и лицата на возраст над 60 години, а работодавачите добија обврска да ги реорганизираат работните активности на градежните работници и на работниците кои работат на отворено, со тоа што ќе се избегне вршење градежни и други работни активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот.