Десетици илјади Суданци се во смртна опасност

Илустрација

Меѓународната организација за миграција (ИОМ), денеска (13 август), ги повика земјите да ги зголемат донациите за Судан.

Земјата е погодена од најтешката бегалска криза поради граѓанската војна, што може да доведе до десетици илјади смртни случаи.

„ИОМ доби само 21 отсто од потребната помош за Суданците. Покрај граѓанската војна, на жителите на африканската земја сега им се закануваат глад, болести и поплави“, изјави шефот на мисијата на ИОМ во Судан, Мохамед Рефат.

Тој наведува дека меѓународната заедница не прави доволно и без итен масовен и координиран глобален одговор, има ризик од десетици илјади смртни случаи што може да се спречат во наредните месеци.

Видете и ова:

Конфликтот во Судан - закана за најголемата светска криза со глад

Во Судан, речиси секој петти граѓанин го напуштил домот. Околу 10,7 милиони луѓе се внатрешно раселени, а 2,3 милиони заминале од земјата. Конфликтот избувна во април 2023 година, поттикнувајќи етничко насилство и широко распространет глад.

Организацијата за човекови права, Амнести интернешенел, објави дека од почетокот на конфликтот меѓу суданската армија и паравоените сили за брза поддршка во април 2023 година, загинале повеќе од 16.650 луѓе.

Три пати повеќе деца и двојно повеќе жени биле убиени во глобалните конфликти во 2023 година во споредба со 2022 година, додека вкупните цивилни жртви се зголемиле за 72 отсто, предупредија Обединетите нации (ОН).