Германскиот канцелар Олаф Шолц во телефонски разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рекол дека треба да склучи договор за прекин на огнот и ослободување на заложниците кои ги држи палестинската група Хамас, која САД и ЕУ ја сметаат за терористичка организација.
За ова информираше портпаролот на германската влада, Волфганг Бухнер, на 11 авуст. Шолц рекол дека се постигнати многу воени цели во борбата против Хамас, додека цивилните жртви и човечките страдања во Појасот Газа се огромни, според германската влада.
„Завршувањето на војната во Газа би било одлучувачки чекор кон регионална деескалација“, изјави портпаролот Бухнер.
Во разговорот, Шолц изразил загриженост за опасноста од регионална војна на Блискиот Исток и јасно стави до знаење дека германската влада силно ги осудува заканите од Иран, Хезболах во Либан и други против безбедноста на израелските граѓани, рече Бихнер. Групата Хезболах е означена како терористичка организација од страна на САД.
Канцеларот ја истакнал потребата да се стави крај на „деструктивната спирала на одмаздничко насилство, да се намалат тензиите и да се работи конструктивно на деескалација“.
Видете и ова: Можната војна меѓу Иран и Израел го носи Блискиот Исток до „најопасниот момент“Загриженоста за поширок конфликт на Блискиот Исток се зголеми откако лидерот на Хамас Исмаил Ханије беше убиен во Иран, во напад за кој се сомнева дека го извршил Израел.
Иран и неговите сојузнички сили во регионот објавија дека планираат одмазднички напади врз Израел по атентатот на лидерот на Хамас и еден од лидерите на Хезболах во Либан.
Во изминатите 10 месеци, колку што трае војната во Газа, Израел и Хезболах разменуваат напади речиси секојдневно.
Војната во Газа започна откако Хамас, група која САД и Европската унија ја сметаат за терористичка организација, го нападна јужниот дел на Израел на 7 октомври, убивајќи околу 1.200 луѓе и зеде 250 заложници. По масакрот на Хамас, главно на цивили, Израел започна офанзива против Газа.