Интерпол ја повлече потерницата за белорускиот новинар кој е во домашен притвор во Србија

Белорускиот новинар и политички активист Андреј Хнот, кој во домашен притвор во Белград

Белорускиот новинар и политички активист Андреј Хнот, кој во домашен притвор во Белград чекаше одлука за негова екстрадиција во Белорусија, е отстранет од листата на барани лица на Интерпол.

Потерницата на меѓународната полициска агенција за апсење на Хнот е издадена на барање на Белорусија, која го обвинува за затајување данок.

Тој ги отфрли обвинувањата на Минск и ги нарече политички мотивирани.

„Андреј Хњот повеќе не е предмет на известување на Интерпол“, се вели во одлуката на Генералниот секретаријат на Интерпол. Одлуката на 10 август до медиумите ја препрати неговиот адвокат Вадим Дроздов.

Хнот во изјава за РСЕ рече дека Интерпол ги информирал претставниците на Европската унија во Србија дека налогот „е суспендиран, по што податоците се избришани поради кршење на членовите 2 и 3 од Статутот на Интерпол“, објаснувајќи дека тоа се одредби кои се однесуваат на политички мотивирано кривично гонење.

„Колку што знам, претставниците на ЕУ ја предочија оваа важна информација на владата на Србија и на судството. Сепак, тоа не резултираше со мое ослободување“, рече Хнот.

Видете и ова: Белоруски синдикалец пронајден обесен, по распит во полиција

Хнот истакна дека процесот на негова екстрадиција е во тек и тој е во домашен притвор до конечната одлука.

„Тоа ќе биде мојата единствена и последна шанса да ја оспорам незаконитоста на мојата екстрадиција“, рече тој, додавајќи дека не можел да добие соодветна медицинска нега и дека нема извор на приходи за да плати кирија или да купи храна и лекови.

Хнот беше уапсен во октомври 2023 година на аеродромот во Белград по пристигнувањето од Тајланд, каде што беше во егзил.

Тој помина седум месеци во централниот затвор во Белград пред да биде префрлен во домашен притвор на 5 јуни.

Високиот суд во Белград на 13 јуни донесе одлука за екстрадиција со која би се вратил во Белорусија, но таа се уште не е конечна.