Антирасистички протести во Британија без инциденти

Протести во Британија, 10 август

Илјадници демонстранти во неколку британски градови се собраа на 10 август за да протестираат против неодамнешните немири за кои е обвинета екстремната десница по нападот со нож во Саутемптон во кој загинаа три малолетнички, објави новинската агенција Франс прес.

Граѓаните се собраа во Лондон, Глазгов, Белфаст, Манчестер и многу други градови, а протестите беа во мирна атмосфера.

Три дена претходно, собирите организирани од групата „Спротивстави му се на расизмот“ ги заменија најавените собири на крајната десница низ целата земја.

Видете и ова:

По немирите на екстремната десница, Велика Британија го преиспитува законот за безбедност на интернет

Немирите се проширија низ Британија минатата седмица, откако на широко распространетите објави на интернет погрешно беше идентификуван осомничениот убиец на трите млади девојки во напад со нож на 29 јули, како муслимански мигрант.

Целта на оние кои учествуваа во немирите беа џамии и хотели поврзани со имиграцијата, полицајци и возила.

Околу пет илјади демонстранти се собраа во саботата во Белфаст за да протестираат против расизмот. Протестот помина без инциденти, пренесува новинската агенција Франс Прес.

Во Лондон, стотици луѓе се собраа пред канцеларијата на „Реформската партија“ на идеологот на Брегзит Најџел Фараж пред да започнат со протестна прошетка до Парламентот, со силно полициско присуство.

Фараж и други истакнати фигури на екстремната десница се обвинети за поттикнување на немирите преку антиимигрантска реторика и теории на заговор.