Најмалку 12 загинати, 44 ранети во напад на супермаркет во Украина

Последици од рускиот воен напад врз супермаркет во Костјантиновка, град во областа Доњецк во источна Украина

Бројот на загинати во рускиот напад на супермаркет во Костјантиновка, град во областа Доњецк во источна Украина, се искачи на 12, соопшти Министерството за внатрешни работи во Киев, додавајќи дека се ранети 44 лица.

„Бројот на загинатите во Костјантиновка се искачи на 12. Познато е и дека се ранети 44 лица“, објави прес-службата на министерството на Телеграм, додавајќи дека на местото на ударот се уште работат спасувачките екипи.

„Руски терористи погодија обичен супермаркет и пошта. Има луѓе под урнатините. Во тек е спасувачка операција и ќе се направи се за да се спасат“, напиша Зеленски на платформата Х.

„Русија ќе одговара за овој терор и ние ќе направиме се за да се осигураме дека светот ќе продолжи да стои со Украина во поддршката на нашата одбрана и спасување животите на нашиот народ“, објави Зеленски.

Видете и ова:

Додека руските сили напредуваат во Донбас, украинските упаднаа во Русија. Зошто?

Вадим Филашкин, шеф на регионалната воена администрација, на Телеграм напиша дека станува збор за артилериски напад.

„Русите го гранатираа градот со артилерија, погодувајќи супермаркет. Ова е уште еден целен напад на место за собирање луѓе, уште еден терористички чин на Русите“, напиша Филашкин на Телеграм.

Сликите од местото на настанот покажуваат црн чад како се издига над остатоците од супермаркетот што тлеат, јавува Радио Слободна Европа (РСЕ) на англиски јазик.

Филашкин додаде дека итните служби продолжуваат со спасувачката операција.

Видете и ова:

Масивен напад со дронови и пожар во руска воена база на 300 километри од Украина

Московските сили држат голем дел од регионот Доњецк. Областите контролирани од Украина редовно се под удар на руско гранатирање и воздушни напади.

Регионот е еден од најжестоките точки на војната, бидејќи Русија цели на локации во насока на стратешкиот источен логистички центар Покровск.