Новоименуваниот в.д. директор на затворот во Струмица, Зоран Ристов информира дека во моментов во бегство се 23 затвореници. Ристов вели дека ова е резултат на неодговорното работење на претходни раководства.
„Во изминатиов период во пракса било преку телефонски повик да се даде погодност на затвореник со зборовите „Јас стојам зад тоа’’. Ваквите процеси во претстојниов период уредно ќе се истражат. Оваа пракса во КПУ Затвор Струмица завршува и одговорност мора да следува. Прва моја задача е се врати достоинството и работниот имунитет на вработените“, изјави Ристов.
Согласно Законот за извршување на санкции и куќен ред, Ристов посочува дека затворот во Струмица ќе го врати нормалниот процес на ресоцијализација на осудените лица и најавува носење на годишен план за работа за подобрување на стандардот на затворениците во делот на услови за живот и работа.
Вкупниот капацитет на КПУ Затвор Струмица изнесува 62 лица и во него се извршува казна затвор до три години, казна затвор за сторен прекршок и изречена мерка притвор согласно судско решение. Во затворот казни издржуваат лица од Струмица, Кочани, Штип, Виница, Делчево, Берово и Радовиш.