Турција ќе се приклучи кон обвинението против Израел за геноцид во Газа

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган

Турција треба да поднесе барање на 7 август за официјално да се приклучи кон обвинението за геноцид што Јужна Африка го покрена против Израел пред Меѓународниот суд на правдата (МСП) во Хаг.

Турција постојано го критикуваше Израел за бомбардирањето на Газа во неговата војна против палестинското раководство на Хамас, која е прогласена за терористичка организација од Соединетите Држави и Европската Унија.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган гласно ја поддржа палестинската кауза и го осуди како што рече, „варварството“ на Израел.

МСП веќе му нареди на Израел да стори сé за да спречи геноцид за време на неговата офанзива како одговор на нападот во октомври од страна на Хамас, но не нареди прекин на огнот. Исто така, му нареди на Израел да ги преземе сите неопходни и ефективни активности за да обезбеди основни резерви на храна за палестинското население во Газа, а во мај судот поддржан од ОН го повика да ги прекине воените операции против градот Рафа во јужна Газа.

„Правниот тим на нашиот парламент ќе поднесе петиција на 7 август до Меѓународниот суд на правдата во Хаг за приклучување кон случајот за геноцид. На тој начин ја поднесуваме нашата официјална апликација во име на Турција“, рече Ердоган во изјавата по состанокот на претседателскиот кабинет на 5 август.

Турција се покажа како еден од најжестоките критичари на воените акции на Израел во Газа. Нејзиното барање ќе ја направи последната земја што се приклучува на обвинението за геноцид.

Видете и ова:

Израелската окупација на палестинските територии е нелегална, одлучи судот на ОН

Хамас, исто така, има силна регионална поддршка од долгогодишниот непријател на Израел, Иран, каде регионалните тензии достигнаа точка на вриење во последните денови по атентатот на лидерот на Хамас, Ислмаил Ханије во Техеран.

Иран директно го обвини Израел, кој не ја презеде одговорноста за убиството. Иранскиот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи вети воен одговор, што доколку се случи, ќе го доведе регионот на работ на поширока војна.

Ердоган го осуди убиството на Ханије како „одвратен чин“ чија цел е поткопување на палестинската кауза и деморализирање и заплашување на нејзиниот народ.

„Ционистичката суровост никогаш нема да ги постигне своите цели“, објави претседателот Ердоган на платформата X на 31 јули.

Турскиот лидер често го споредуваше израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху со Адолф Хитлер, велејќи дека односот на Израел кон Палестинците е еднаков на геноцид и дека земјата треба да биде казнета на највисоко меѓународно ниво.

Видете и ова:

Шпанија сака да се приклучи кон обвинението против Израел за геноцид во Газа

Ердоган, исто така, ги критикуваше западните земји за нивната постојана поддршка на Израел, особено Соединетите Држави.

Јужна Африка првпат го поднесе случајот до МСП во декември 2023 година со премисата дека Израел ја прекршил Женевската конвенција со наводниот апартхејд, окупација и блокада на Појасот Газа.

Десетици земји изразија поддршка за случајот против Израел. Меѓутоа, САД, Обединетото Кралство и неколку други земји се противат.

МСП мора формално да даде одобрение за барањето за приклучување кон обвинението против Израел за геноцид.

„Турција стои со Палестина во овие тешки денови на [борба] за опстанок и ги поддржува своите палестински браќа и сестри со сите нејзини средства“, порача Ердоган на 5 август.