Записниците од Изборната комисија на Венецуела доставени за потврда до Врховниот суд

илустрација

Претседателот на Изборната комисија на Венецуела, Елвис Аморосо синоќа соопшти дека на Врховниот суд му ги предал сите записници од претседателските избори, од кого претседателот Николас Мадуро побарал да ја официјализира неговата оспорена победа.

„Сè што бараше највисокиот суд на државата е поднесено“, рече Аморосо.

Опозицијата смета дека и Државната изборна комисија и Врховниот суд се лојални на властите.

Станува збор за записници од секое поединечно избирачко место, кои опозицијата и дел од меѓународната заедница ги бараат за да го докажат своето тврдење дека на изборите одржани на 28 јули победил кандидатот на опозицијата Едмундо Гонзалес.

Видете и ова: Венецуела треба да докаже дека имало хакерски напад од Северна Македонија врз нејзиниот изборен процес

Националниот изборен совет на Венецуела (ЦНЕ) го прогласи Мадуро за победник на изборите со освоени 51,2 отсто од гласовите, пред кандидатот за здружената опозиција Демократска унитарна платформа (ПУД), Едмундо Гонзалез со 44,2 проценти.

Но, опозицијата ги отфрла ваквите резултати на ЦНЕ, во кој доминираат луѓе од Обединетата социјалистичка партија на Венецуела (ПСУВ) на Мадуро, обвинувајќи за изборни измами и фалсификати.

Според резултатите на ПУД, Гонзалез освоил 67,19 отсто, а Мадуро 30,44 проценти од гласовите.