Дванаесет лица загинаа во израелските воздушни напади во Појасот Газа рано во неделата, додека двајца беа убиени во напад со нож од страна на палестински милитант во предградие на Тел Авив.
Израелците извршија напади врз бегалски камп во болнички комплекс во централниот дел на Појасот Газа и на северот на територијата.
Во напад со нож во Тел Авив беа убиени една жена на 70-годишна возраст и еден маж на 80-годишна возраст, уште двајца се ранети, а полицијата соопшти дека убиецот е палестински милитант кој бил „неутрализиран“.
Се сомнева дека имало повеќе напаѓачи, бидејќи жртвите биле пронајдени на три места оддалечени по 500 метри, па и по нив се трага, пишува Асошиетед Прес.
Во израелски воздушен напад во Појасот Газа рано во неделата врз шаторски камп во кој се сместени раселените луѓе во дворот на болницата за маченици Ал Акса, загинаа четири лица, меѓу кои една жена, а неколку други беа ранети, соопштија здравствените власти. Тие не кажаа дали загинале цивили или борци.
Видете и ова: Пентагон најави дека Вашингтон ќе ги зајакне воените капацитети на Блискиот Исток за да го брани ИзраелРепортерот на Асошиетед Прес снимил мажи како брзаат на местото на нападот за да им помогнат на ранетите и да ги извлечат телата, додека се обидуваат да го изгаснат пожарот.
Болницата Деир ал Балах е главната медицинска установа која работи во централниот дел на Појасот Газа, а илјадници луѓе се засолниле таму откако ги напуштиле своите домови во последните десет месеци.
Во одделен напад, уништена е куќа во северниот дел на Појасот Газа, осум лица загинаа, меѓу кои и семејство со три деца, соопшти палестинското Министерство за здравство.
Војната во Газа започна откако Хамас, наведен како терористичка организација од САД и Европската унија, го нападна јужниот дел на Израел на 7 октомври, убивајќи околу 1.200 луѓе и зеде 250 заложници. По масакрот на Хамас, главно на цивили, Израел започна офанзива против Газа.
Најмалку 39.550 луѓе загинаа во борбите, според Министерството за здравство на Газа под контрола на Хамас. На таа палестинска територија живеат околу 2,3 милиони луѓе.