Напад од бомбаш самоубиец на плажа во Сомалија, најмалку 32 загинати

Амбулантни возила ги носат телата на жртвите од нападот на плажата Лидо во Могадишу, Сомалија, на 3 август 2024 година.

Најмалку 32 лица загинаа, а 63 се ранети во напад на бомбаши самоубијци и вооружени напаѓачи на популарна локација во Могадишу, главниот град на Сомалија, изјави портпаролот на тамошната полиција.

Поранешниот премиер Хасан Али Каире изјави дека експлозијата се случила додека локалното население пливало и се релаксирало на плажата Лидо.

„Фактот што терористите нападнаа во време кога плажата беше полна со луѓе ја покажува нивната суровост и непријателски намери кон народот на Сомалија“, рече тој.

Огранокот на Ал Каеда во источна Африка, Ал Шабаб, на своето радио објави дека нападот го извршиле нејзините борци.

Новинската агенција СОНА јави дека во конфликтот со безбедносните сили биле убиени пет напаѓачи, додека шестиот се самоубил активирајќи бомба.

Ниту една група официјално не ја презеде одговорноста, пренесува Ројтерс.

Областа на плажата Лидо претходно била цел на милитанти поврзани со Ал Шабаб. Девет лица беа убиени во последниот напад минатата година.

Ал Шабаб, радикална исламистичка бунтовничка група поврзана со Ал Каеда, изведе бројни бомбашки и други напади во минатото во Могадишу и неколку други области во нестабилната земја.

Иако силите на Африканската унија ги истераа од главниот град во 2011 година, бунтовниците сè уште се присутни во руралните области.