Отворена е истрага против двајцата осомничени за убиство во Батинци кое се случи на 1 јуни годинава. Основното јавно обвинителство отвори истрага против двајца жители на Батинци за убиство и неовластено поседување оружје на автоматски пушки кое е целосно забрането за граѓаните.
Осомничените со возило пресекле пат на друг автомобил во кој имало две лица, излегле надвор и веднаш почнале да пукаат.
„Едниот од оштетените го лишиле од живот, додека на другиот му го довеле во опасност животот и му нанеле телесни повреди, по што осомничените во близина на селото Драчевица го запалиле нивниот автомобил и избегале“, се вели во соопштението на Обвинителството.
Двајцата осомничени се во бегство и недостапни на органите на прогонот од моментот на сторување на делата.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничените која ќе започне да се применува од нивното пронаоѓање и лишување од слобода.
До Министерството за внатрешни работи се издадени соодветни наредби за пронаоѓање на осомничените лица.