Чествување на 121 година од Илинденското востание

Споменикот во Крушево; Мечкин Камен

Со поклон и свежи цвеќиња на вечното почивалиште на претседателот на Крушевската Република Никола Карев во споменикот „Македониум“ во Крушево почнаа чествувањата на празникот за 121 година од Илинденското востание и првата република на Балканот, Крушевската Република.

Пред гробот на Карев се поклонија претставници на семејството Кареви, делегација на Владата која ја предводи премиерот Христијан Мицкоски, претставници на политички партии и претставници на амбасади во земјава.

Во познатата црква „Свети Никола“ во центарот на Крушево се одржува панихида за загинатите востаници, борци и дејци со која чиноначалствува владиката Јован Вранишковски.

Видете и ова:

Државните прослави и до четири пати поскапи од децениските фестивали

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова ќе се обрати на манифестацијата во Пелинце, каде таа положи цвеќе пред Меморијалниот центар на АСНОМ и ќе ја посети спомен собата во Меморијалниот центар.

„Додека го одбележуваме Илинден, храбрите пожарникари, војници и волонтери со натчовечки сили се борат против огнените стихии за да ги спасат нашите шуми, и животите и имотите на нашите граѓани. Да им помогнеме и да ги поддржиме, и со тоа активно да учествуваме во борбата за доброто на граѓаните и иднината на републиката“, порача македонската претседателка во денешната празнична честитка.

Чествувањето на 121 година од Илинденското востание и Крушевската Република со низа свечености почна вчера во Крушево кога делегации ја посетија Спомен куќата на Смилевскиот конгрес и споменикот на Дамјан Груев, а попладнето во центарот на Крушево, пред црквата „Свети Никола“ беа пречекани коњаниците од цела Македонија. Воедно беше отворена манифестацијата „10 дена Крушевска Република“ со читање на Крушевскиот манифест и подигање на бајракот на Крушевската Република.